Автор: Гораст Ангеловски
Тема: Компас
Можеби дома веќе имаш компас и знаеш како да го користиш. Aма нели би било поинтересно да си направиш твој компас од работи кои можеш да ги најдеш по дома? Во ова видео, Гораст ќе ти покаже како да направиш компас од игла за шиење, магнет, ливче хартија и сад со вода. Доколку не ти успее од прва, најчесто тоа значи дека магнетот кој го користиш е слаб па треба малку подолго да ја триеш иглата за да таа се магнетизира.
Како работи овој компас? Сите магнети имаат две страни наречени северен и јужен или позитивен и негативен пол. Два полови од истиот тип се одбиваат (на пример негативен и негативен), додека пак спротивните полови се привлекуваат. Кога ја триеме иглата од магнетот, таа привремено се магнетизира што значи дека ќе реагира на други магнети во близина. Еден магнет кој е секогаш во близина е магнетното поле на планетата земја. Магнетното поле на земјата е слабо во однос на магнетот кој го користиме во експериментот. Затоа иглата ја ставаме да плови во вода каде таа може лесно да се движи во било кој насока. Така магнетизираната игла реагира на магнетното поле на земјата и се насочува во правец север-југ.
Што друго може да направиш со овој експеримент? Може да тестираш различни магнети со различни јачини и да провериш колку бргу добиените компаси го наоѓаат правецот север-југ. Ако сакаш иглата да се движи уште полесно, може намесно парче хартија да користиш исечок од 1 или 2 центиметри плутена тапа. Може да провериш каде се наоѓа вистинскиот север во твојот дома, дали секогаш истата страна од иглата покажува накај север? За крај, поиграј си со магнетот во близина на твојот нов компас, што забележуваш кога го движиш магнетот околу садот со вода?
Експериментот мора да се прави под надзор на родител/старател/полнолетно лице. Внимавајте магнетите никогаш да не се наоѓаат во близина на електронски уреди.
Сподели