На 7 октомври ќе се одржи Втората конференција „НАУКА ЗА ДЕЦА“


Во организација на Фондацијата „КАНТАРОТ“, под мотото „Пуштете ја вашата научна фантазија“, во сабота, на 7 октомври, ќе се одржи втората научна конференција „НАУКА ЗА ДЕЦА“. Конференцијата ќе се одржи во Меѓународното училиште НОВА, а нејзината цел е популаризација на науката кај најмладите.

Главниот дел од програмата на конференцијата се предавања и работилници организирани од проф. д-р Никола Стиков (Универзитет на Монтреал во Канада) и д-р Тања Павлеска (Институт Јожеф Стефан во Словенија). Преку нив децата на интересен начин ќе се запознаат со многу научни концепти, при што оваа година акцентот е на оптичките илузии и на законите на веројатноста. Работилниците се интерактивни, а љубопитните деца ќе можат да добијат одговори на своите прашања директно од научниците.

На конференцијата ќе се додели и првата НЗД награда за извонреден научен потенцијал „Иван Ќостаров“, донација од проф. д-р Венка Симовска (професорка на Универзитетот Архус во Данска). Исто така, ќе се објават победниците на конкурсот Научна фантазија за цртеж и дигитална уметност. За крај, ќе се доделат признанија на наставниците кои најмногу помогнаа со промоција на НЗД во училиштата.

ПРОГРАМА НА КОНФЕРЕНЦИЈАТА


РЕГИСТРАЦИЈАТА Е ЗАТВОРЕНА ЗАТОА ШТО ГО НАДМИНАВМЕ КАПАЦИТЕТОТ

ДОКОЛКУ САКАТЕ ДА СЕ СТАВИТЕ НА ЛИСТАTA НА ЧЕКАЊЕ, ВЕ МОЛИМЕ ПИШЕТЕ НИ НА: INFO@KANTAROT.MK

АКО НЕКОЈ ОТКАЖЕ, ЌЕ ВЕ КОНТАКТИРАМЕ ЗА ДА СЕ РЕГИСТРИРАТЕ


09:30 - 09:45

Прием на регистрираните деца


09:55 - 10:00


Обраќање и почеток на конференцијата
м-р Драгана Стикова, директорка на Фондација „КАНТАРОТ“

10:00 - 12:00

Интерактивни предавања

1. Џам-илузиии: како мозокот ве лаже

проф. д-р Никола Стиков и м-р Драгана Стикова

Оптичките илузии ни покажуваат дека не треба секогаш да им веруваме на сопствените очи. Децата ќе имаат можност самите да создадат, истражат и разберат една вртоглава илузија.

2. Пишман или инает: неверојатна наградна игра

д-р Тања Павлеска и Дафинка Срезоска

Веројатноста понекогаш не ја разбираат дури ни возрасните. Низ интерактивна апликација децата ќе научат како да ја употребат веројатноста за да донесат одлука.

12:00

Изложба „Научна фантазија“

Финалистите од нашиот ликовен конкурс ќе имаат можност да ни ги раскажат своите научни фантазии преку нивните креации

12:30

Доделување на награди

  • - Прогласување на победници од ликовниот конкурс „Научна фантазија“

  • - Доделување на признанија на НЗД наставници

  • - Награда за извонреден научен потенцијал „Иван Ќостаров“

13:00

Затворање на конференцијата со мини закуска


Вашето дете можете да го пријавите со пополнување на формуларот на линков: https://bit.ly/3tcuSVp.

За учеството на децата не се плаќа, но доброволните донации се добредојдени. Доколку сте во можност, донирајте на жиро сметката на Фондација „КАНТАРОТ“: 250-0010051639-69 (Шпаркасе банка).