Основи на програмирањето - Оператори

Замисли дека ја програмираш твојата омилена игра... како би го зачувал(а) бројот на освоени поени? Научи како да користиш променливи и оператори за да провериш дали си собрал(а) доволно поени за да победиш.

Кога програмираме, некогаш е потребно да зачуваме вредност којашто ќе ја употребиме подоцна во програмата. Таквите вредности ги доделуваме на променливи (варијабли). Променлива е на пример бројот на поени кои си ги освоил(а) во текот на играта. На оваа променлива потоа може да примениме различни операции со помош на оператори, на пример, за да видиме дали си собрал(а) доволно поени за да победиш. Што се тоа оператори и како треба да се користат во Scratch, можеш да научиш со помош на илустративните видеа коишто ни ги подготвија студентите на ФИНКИ.

Потоа, обиди се сам(а) да направиш своја илустрација во Scratch во којашто ќе примениш услови, циклуси и оператори. Потруди се да им дадеш описни имиња на променливите за да можеме лесно да ја прочитаме програмата. Ако користиме имиња на променливи кои содржат само една буква, многу е веројатно дека ќе ни биде потребно повеќе време да одредиме што чуваме во истата. За крај, стисни лајк на видеото кое ти се допадна најмногу, и ти помогна најлесно да научиш што се оператори во програмирањето. Сега си чекор поблиску до програмирање на своја игра!





Сподели ja лекцијата