Што е програмирање?
Што е Scratch?
Замисли си ден без твојот паметен телефон или компјутер. Денес е тешко да се разбере како порано изгледало секојдневието без овие уреди. Луѓето комуницираат помеѓу себе со природни јазици, но како комуницираме со компјутерите? Како компјутерот знае што треба да направи кога ќе кликнеме на некое копче?
За да работат компјутерите, потребно е да се направат програми коишто се пишуваат во некој програмски јазик. Преку програмскиот јазик му даваме инструкции или наредби на компјутерот што да направи. Повеќе такви наредби (инструкции) прават програма, а самиот процес на пишување на програмата се нарекува програмирање.
Луѓето можат брзо да научат програмски јазик, но компјутерите ниту нив не ги разбираат така лесно. Затоа, пред програмата да биде извршена, таа се преведува на машински јазик. Тоа значи дека нашите наредби ќе бидат преведени во нули и единици т.е. бинарни цифри, коишто компјутерот ги разбира.
Што ако имаш идеја за програма што досега никој не ја направил? Сè што треба да направиш е да научиш барем еден програмски јазик, да смислиш процедура од наредби и инструкции (алгоритам) што ќе направи програмата да се однесува баш така како што си замислил(а), и се разбира, на крај да ја напишеш истата.
Еве еден пример за тоа какви инструкции треба да содржи една програма што треба да пресмета кој е најголемиот од зададените броеви: 6, 12, 9, 80, и 3. Нам ни е веднаш јасно дека тоа е бројот 80, но не и на компјутерот.
Чекор 1: Претпоставуваме дека најголем број е првиот број (6).
Чекор 2: Проверуваме дали вториот број (12) е поголем од 6 (бројот што засега мислиме дека е најголем). Затоа што е поголем, новиот најголем број е бројот 12.
Чекор 3: Проверуваме дали третиот број (9) е поголем од новиот најголем број, а тоа е 12. Затоа што бројот е помал, не правиме ништо. 12 е сè уште најголем број.
Чекор 4: Проверуваме дали четвртиот број (80) е поголем од бројот 12. Затоа што е поголем, новиот најголем број е бројот 80.
Чекор 5: Проверуваме дали последниот број (3) е поголем од 80. Затоа што не е поголем, не правиме ништо.
Чекор 6: Затоа што немаме повеќе други броеви за споредба во листата, најголемиот број што го најдовме е 80, а тоа е и резултатот на нашата програма.
Денес постојат многу програмски јазици, како Java, C++, Python, итн. Но, има еден визуелен програмски јазик што се вика Scratch и е специјално дизајниран за деца. Може да се користи за креирање на интерактивни приказни, игри и анимации, а се базира на блокови. Тоа значи дека програмирањето е многу лесно и се прави со drag-n-drop на блокови коишто извршуваат некаква акција. Кога блоковите ќе се поврзат, го формираат кодот на програмата. Така, на едноставен начин можат да се научат основните концепти на програмирањето коишто се применуваат во сите програмски јазици.
Во Scratch, на левата страна се наоѓа менито со сите можни блокови, во средината е просторот каде што се влечат блоковите и се пишува програмата, а во десниот дел е сцената на којашто веднаш можеме да видиме што прави нашата програма. Scratch e забавен затоа што има многу опции за различни позадини и фигури, а може да се дизајнираат и сопствени (custom) визуелни елементи. Со тоа и можностите за програмирање на интересни игри и анимации се неограничени.
Оваа секција ќе биде нашата мини лабораторија за програмирање во Scratch. Преку интересни видеа со објаснувања и илустрации, заедно ќе научиме како да размислуваме логички, како да ги користиме различните блокови во Scratch и како да направиме супер игри. Нема поголема среќа од таа да играш игра што сам(а) си ја смислил(а) и направил(а). Во Scratch можеш и да ја споделиш твојата игра со многу други Scratch програмери.
Линк до Scratch: https://scratch.mit.edu/projects/editor/?tutorial=getStarted
Среќно програмирање!
Сподели ja лекцијата