По вторпат ќе се доделува наградата за извонреден научен потенцијал „Иван Ќостаров“

Во пресрет на конференцијата НАУКА ЗА ДЕЦА, која годинава ќе се одржи на 18 и 19 октомври, по вторпат ја распишуваме наградата за извонреден научен потенцијал „Иван Ќостаров“ во вредност од 30.000 денари.

Ги повикуваме да аплицираат учениците и ученичките од 9 одделение од сите основни училишта од земјава.

Платформата „Наука за деца“, заедно со проф. д-р Венка Симовска, минатата година ја востанови оваа награда, а оваа година ја продолжуваме со желба да ја наградиме и поттикнеме љубовта кон науката кај децата.

За пријавувањето е потребно:

  1. 1. да сте ученик/ученичка во 9 одделение во основно училиште во земјава;
  2. 2. да ни кажете што сакате во науката, зошто и како мислите дека науката може да придонесе за вашиот личен или за развојот на општеството;
  3. 3. да ни кажете кои се постигнувањата со кои најмногу се гордеете;
  4. 3. да ни кажете за што би ги употребиле средствата од наградата и зошто ви е важно тоа.

Внесете го тоа во овој формулар и пријавени сте!

Вредност и намена на наградата

„Наука за деца“ преку оваа награда би финансирала опрема за експерименти и други научни проекти, учество на обуки и курсеви, трошоци за меѓународни натпревари... Со други зборови, тоа што вие сметате дека ќе има големо значење за развој на вашиот личен научен потенцијал.

Наградата е во износ од 30.000 денари, кои ќе можат да се искористат за покривање трошоци како опишаните погоре. Наградната сума може да се искористи еднократно или за повеќе намени, но задолжително во текот на една година од денот на доделувањето.

Рок за аплицирање

Повикот за наградата „Иван Ќостаров“ е отворен до 30 септември. Стручно жири составено од научниците што стојат зад „Наука за деца“ ќе ги оценува апликациите, а одлуката за доделување на наградата ќе биде соопштена на 18 октомври, за време на конференцијата НАУКА ЗА ДЕЦА.

Кој бил Иван Ќостаров?

Наградата го носи името на Иван Ќостаров, кој е роден во Скопје во 1955 година, а починал во Копенхаген, Данска, во 2019 година. Иван имал само 14 години кога љубопитноста го инспирирала да замине од дома за да учи во славната математичка гимназија во Белград. По професија бил електроинженер и софтвер-архитект, кој долги години живеел во Данска. Тој е и човекот кој заедно со уште неколкумина го составил од нула првиот компјутер во Македонија. Имал бројни и разновидни интереси, но особено уживал во природните науки. Сакал математика, логика, компјутерски науки, астрономија, астрофизика, генетика и сонувал еден ден да патува во вселената. Сонот не го остварил, но затоа е тука оваа награда во негова чест, која се надеваме дека ќе им помогне на многу деца да чекорат полесно кон остварување на своите научно-љубопитни соништа.