Киселини, бази и бои
Провери дали дома имаш киселини и бази користејќи домашен индикатор од зелка.
Материјали
сок од црвена зелка*
сода бикарбона или прашок за перење
оцет или сок од лимон
пет мали садови и две лажички
по избор: паста за заби, млеко, кисела вода, газиран сок, масло, лимонтус, средство за миење садови, овошје и зеленчук
За овој рецепт ќе ти треба помош од возрасен.
Крупно насецкај неколку листови зелка, доволно за да наполниш еден поголем филџан за кафе (100 ml). Зелката стави ја во термоотпорен сад и покриј ја со 8 филџани врела вода (800 ml). Остави да отстои барем 1 час. Исцeди го сокот, и ако е премногу темен разреди го доволно за да биде бистар и да се гледа виолетовата боја.
Доколку сокот нагло станува син кога му се додава вода тоа значи дека водата е тврда. Додај лимон или оцет капка по капка, промешувајќи после секоја капка, додека сокот не добие виолетова боја.
Експеримент
Стави малку сок од зелка во пет садови. Во два од садовите додај сода бикарбона: врв од мало лажиче во едниот, цело лажиче во другиот. Во други два садови додај сок од лимон: три капки во едниот, две лажички во другиот.
Промената на боја покажува дека сокот од зелка е индикатор на киселост: ја менува бојата на црвено кога е во кисела средина (лимон), а на сино кога е во базна средина (сода бикрбона).
Експериментирај со производите кои ги имаш дома и види дали и како ќе се менува бојата на сокот од зелка.
Кои супстанци се кисели, кои базни, а кои неутрални? Која е најкиселата, а која најбазната супстанца што ја најде? Ако сакаш да ја определиш pH вредноста на растворите кои ги направи, користи ја табелата на бои од делот “Дознај повеќе“.
Експериментирај со менување на киселоста на растворот. Почни со раствор од сок од зелка и најбазната супстанца која ја имаш, онаа која го прави сокот син или зелен. Додај ја најкиселата супстанца која ја имаш, и види како се менува бојата на растворот. Ние експериментиравме со детергент за садови како база, и лимонтус како киселина. Сликај или сними го твојот експеримент, и сподели го со твоите заклучоци со таг #НаукаЗаДеца!
Што се случува?
Зелката е виолетова затоа што содржи пигмент антоцијанин. Кога овој пигмент стапува во контакт со киселина, како сок од лимон или оцет, се менува неговата структура и му се менува и бојата, па станува црвен. Розовата боја која се појавува при додавање на сок од лимон е мешавина од виолетов и црвен пигмент.
А што се случува со сода бикарбона? Таа не е киселина, туку баш спротивно, се користи за намалување на киселоста. Во хемиска смисла, може да се каже дека таа е “спротивна“ на киселините. Ваквите соединенија се викаат бази. Пигментот од зелката реагира и со базите, но во тој случај не станува црвен, туку син, а ако базата е многу јака може да стане и зелен или жолт.
Значи пигментот од зелката е виолетов, но станува црвен кога е во кисела средина, а син кога е во базна средина. Затоа можеш да го користиш за да испитуваш дали имаш киселини и бази во твојот дом. Можеби најде и производи кои не се ни кисели, ни базни. Овие соединенија се викаат неутрални.
Киселини и бази
Киселините се соединенија кои кога се растворени во вода губат еден јон на водород (H+), и најчесто имаат кисел вкус. Лимонот и оцетот се примери за киселина. Базите се соединенија кои во воден раствор губат хидроксилни јони (OH-), и често се лизгави. На пример, сода бикарбона и прашокот за перење се бази.
Што е киселина?
Што е база?
Како се мери киселоста?
Кога раствораме некоја супстанца во вода, растворот може да биде кисел, базен или неутрален, и исто така може да биде повеќе или помалку кисел или базен. Ова се мери со pH вредноста. pH може да има вредности од 0 до 14. pH=7 значи дека растворот е неутрален. Тоа е pH вредноста на водата. Ако pH вредноста е помала од 7, растворот е кисел, и колку е помала толку е растворот покисел. Ако pH вредноста е поголема од 7 тогаш растворот е базен, и колку е поголема вредноста на pH толку е растворот посилна база.
Со споредување на бојата на раствор на зелка во различни средини можеш да ја дознаеш pH вредноста на супстанците кои ги имаш дома.
Што е индикаторот во зелката?
Црвената зелка содржи пигменти од типот на антоцијанин. Вакви пигменти има во многу растенија, како на пример, во плодот на боровинките, зрната црн грав, љубичиците и некои суви лисја. Како пример ќе го разгледме цијанидинот, еден прост антоцијанин.
рН во зелката е околу 6,6 и затоа цијанидинот во зелката е виолетов. Молекулата на цијанидин има три активни центри кои можат да реагираат со киселини или со бази. Активни центри се делови од молекулата кои лесно реагираат со други супстанци. Во овој случај тоа се делови во кои има нерамно распределен полнеж, што ќе ги привлече јоните од киселини или бази. Благодарение на повеќето активни центри, цијанидинот може да се трансформира во повеќе различни молекули во зависност од pH вредноста на средината во која се наоѓа, а тие различни молекули имаат различни бои.
Овде можеш да видиш кои молекули ги формира цијанидинот во средини со различна киселост. Сите бои кои ги виде кога експериментираше со индикаторот од зелка може да се објаснат како резултат на една од овие молекули, или на мешавина од нив.
Сподели го експериментот