Мостот на Да Винчи
Изгради самоносечки мост без лепак и штрафови
Мостот на Леонардо Да Винчи е самоносечки мост кој се гради само од дрво, без штрафови или лепак, а сепак е многу стабилен. Овде ќе дознаеш како се гради модел од мостот на Лео. Биди инженер и изгради го и ти овој мост, а потоа тестирај ја неговата стабилност.
Материјали
15 стапчиња *
Товар
Вага ** (факултативно)
* Можеш да користиш стапчиња за сладолед, гранчиња, стапчиња за азиска храна, моливи. Не е важно точно какви стапчиња користиш, се додека не сé мазни и не се тркалаат (на пример, тешко ќе го изградиш мостот со фломастери). Колку се подолги, толку градењето ќе биде полесно.
** Кујнска вага, или било која друга вага која што може да мери во грамови. Ако немаш вага, импровизирај! Сигурно имаш дома предмети чија тежина можеш да ја дознаеш, и да ги користиш како тегови.
Изработка и тестирање на мостот
Следи ја постапката прикажана во видеото за да го изградиш мостот.
Тестирај го твојот мост. Измери колку товар можеш да ставиш на него. Нашиот мост тежи само 19 грама а носи 1441 грама!
Kога е мостот најстабилен, без или со товар? За да го тестираш ова ќе мораш повеќе пати да го изградиш мостот за да пробаш дали тој може да издржи:
- ветер (дувни силно, или користи фен, вентилатор или балон)
- земјотрес (затреси ја подлогата)
- удар од хулигани или животни (удри го мостот со еден прст).
Ако споделиш слика или видео од мостот на социјлните мрежи, не заборавај го тагот #НаукаЗаДеца.
Како функционира мостот?
Набљудувај го твојот мост. Дали забележуваш како стапчињата се поддржуваат едни со други?
Сигурно виде дека мостот е постабилен кога има товар на него. Како е ова возможно?
Тежината од товарот се пренесува врз сите стапчиња, тие се виткаат по малку и притискаат едни на други. А, бидејќи стапчињата се рапави, не се лизгаат и сите стојат на место. Колку повеќе товар има, толку помалку стапчињата се лизгаат и мостот е постабилен. Сепак, не можеш да го товариш мостот до бескрај: ако го претовариш, тој може да се распадне или делчињата да се скршат.
Размисли: зошто е тешко да направиш мост од фломастери?
Кој е Л. Да Винчи?
Да Винчи е роден на 15 Април 1452 година во градот Винчи, во близина на Тоскана, Италија. Бил уметник, склуптор, научник, инженер и пронаоѓач, или со еден збор, полимат. Полимат е човек кој има исклучителни и сеопфатни познавања од повеќе области. Живеел и творел во ренесансната епоха на Италија, и слободно може да се смета за еден од најголемите умови на човештвото.
Во неговите тефтери се наоѓаат скици од неговото истражување во различни области.
Овде можеш да ги прелисташ неговите белешки и скици .
Неговите откритија, замисли и уметничко творештво имаат големо влијание врз истражувањето и работата на бројни научници и уметници после него.
Овде можеш да истражуваш повеќе за животот на Лео
Кратка историја на мостот
Во текот на својот живот Леонардо работел под покровителство на повеќе патрони. Еден од нив бил италијанскиот политичар и војсководец Чезаре Борџа, кој го ангажирал Леонардо како воен инженер. Мостот е дизајниран за потребите на војската за брзо и лесно преминување на некоја препрека. Затоа тој е прилично едноставен за градење без потреба на специфични алати или посебна изработка на врските помеѓу деловите од мостот. Замислата е преку точно определено редење на дрвените делови од мостот, за кое се потребни само неколку војници и секири, мостот сам себе да се носи и да може да издржи голем товар.
Овде можеш да ја погледнеш ориганалната скица од мостот на Леонардо Да Винчи.
Што го прави мостот стабилен?
На почетокот при редењето можно е мало лизгање напред-назад на дрвените греди, затоа што тие се лесни (во нашиот случај дрвените греди се дрвени стапчиња). По ставањето товар врз мостот, гредите се виткаат. Поради виткањето на гредите се јавува триење на местото каде што лежат гредите една врз друга (местото каде стапчињата се потпираат едно врз друго), кое го прави мостот крут и стабилен.
Но, не можеме мостот да го товариме до бескрај. Мостот, како и сите градби, има свој максимален капацитет на носивост. Кога ќе го претовариме мостот, тој се руши или неговите делови се кршат.
Пробај! Која е најголемата тежина што твојот мост може да ја издржи?
Овој дизајн на мост е многу интересен затоа што може да издржи многу поголем товар од самата тежина на мостот, како што можеш да видиш на видеото на почетокот на оваа статија.
Триење
Веќе знаеш дека триењето помеѓу две површини зависи од тоа колку се тие мазни. Кога одиш по асфалт, има многу триење помеѓу асфалтот и твоите чевли, и ти си стабилен. Кога одиш по мазен мраз, се намалува триењето и може лесно да се лизнеш. Триењето зависи и од тоа колку силно двете површини притискаат една врз друга. На пример, замисли дека туркаш картонска кутија врз подот. Ќе биде многу потешко да турнеш полна, тешка кутија, отколку празна кутија. Полната кутија многу посилно притиска врз подот, што предизвикува појако триење кое се спротивставува на силата со која туркаш. Колку појако кутијата притиска врз подот, толку е посилно триењето, и толку е потешко да ја турнеш кутијата. Значи, во овој случај, силата на триење е пропорционална на тежината на кутијата.
Леонардо да Винчи е првиот кој забележал дека силата со која два предмети притискаат еден врз друг е пропорционална на нивното триење. За некои негови изуми, како катапултот или хелихоптерот, триењето е проблем, бидејќи се спротивставува на движењето и непотребно троши енергија. Но за мостот тоа е неопходна состојка која обезбедува стабилност. Значи дизајнот на овој мост не е одбран случајно, туку е плод на точното познавање на законите на триење.
Примена на мостот во денешно време
На повеќе места постојат мостови градени по планот на Леонардо Да Винчи.
Следните слики и видеа ќе те однесат до различни места низ светот каде што мостот е изграден и се користи.
Сподели го експериментот