Брканица на бои
Истражувај како детергент за миење садoви може да предизвика движење на течности.
Материјали
- чинија
- млеко
- детергент за миење садoви
- течни прехранбени бои, или водени бои, вода и четка
Експеримент
Стави млеко во чинијата, доволно за го покриеш дното.
Во средината на чинијата капни по една капка од секоја прехранбена боја. Ако користиш водени бои, добро натопи ја четката со боја, па потоа потопи ја во млекото. Ова повтори го со неколку бои.
Капни капка детергент за миење садови во средината на чинијата, каде што е бојата.
Ако сакаш да зачуваш спомен од овој експеримент, внимателно допри парче филтер хартија или хартиено марамче на површината на обоеното млеко. Веднаш извади го и остави го да се исуши.
Пофали се! Сподели видео или фотографии од експериментот со таг #НаукаЗаДеца.
Што се случува?
Размисли:
Зошто бојата се движи накај работ на чинијата?
Дали се движи само бојата, или и нешто друго?
Дали овој експеримент би бил можен со други течности? На пример, вода наместо млеко, или масло наместо детергент за миење садови.
Водата се состои од многу мали честички кои се привлекуваат меѓу себе. Детергентот пак е специјална течност, која лесно и брзо се меша со вода, но не ги привлекува честичките на вода толку колку што тие се привлекуваат меѓу себе. Кога ставаме детергент во вода, честичките детергент брзо се придвижуваат накај честичките вода, а честичките вода пак, привлечени едни од друга, се оддалечуват од детергентот. Бидејќи млекото се состои во голем дел од вода, и во него се случува истата оваа брканица, а кога честичките вода се судираат со бојата, ја одвлекуваат и неа кон работ на чинијата.
Зошто користиме млеко наместо вода?
Млекото е околу 90% вода, но дополнително содржи протеини и масти кои се во форма на мали капки. Тоа е малку погусто од водата, затоа капките боја пловат, или барем побавно тонат во млекото наместо во вода, па полесно е водата да ги одвлече кога почнува да се движи. Кога честичките детергент се судираат со честички на протеини или масти, се поврзуваат со нив и ги одвлекуваат и нив кон работ на чинијата, а потоа формираат нови капки од детергент и маст. Ова прави движењето на честичките кон работ на чинијата да биде уште побурно, со што се одвлекува и повеќе боја.
Направи го истиот експеримент со вода наместо млеко, и провери што ќе се случи.
Зошто водата бега од детергентот?
Сите течности, па и водата и детергентот, се направени од мaли честички кои се викаат молекули. Молекулите на водата се многу мали и имаат нееднакво распореден полнеж: кислородот има малку негативен полнеж, а водородот малку позитивен полнеж. Бидејќи позитивниот и негативниот полнеж се привлекуваат, молекулите на водата можат да се привлекуваат меѓу себе. Ако не знаеш што е полнеж, замисли ги молекулите на вода како мали магнети кои се движат и се вртат така што се привлекуваат едни со други. На следново видео можеш да видеш како изгледа тоа: молекулите се честичките кои се движат, а светлосните линии помеѓу нив ја означуваат силата со која се привлекуваат.
Бидејќи молекулите на водата се привлекуваат меѓу себе, водата е течност која не се меша со било што. На пример, молекулите на масло не можат доволно да ги привлечат молекулите на вода, па кога ставаме вода и масло во ист сад молекулите на водата остануваат заедно.
Детергентот се состои од поголеми молекули од кои еден мал дел содржат јони. Јони се честички кои имаат полнеж појак од оној кој го има во водата. Овој мал дел силно ги привлекува молекулите на вода и прави молекулите на детергент брзо да се мешаат со тие на водата. Остатокот од молекулата на детергент нема нерамномерно распределен полнеж, и не може да ја привлекува водата. Овој дел ги спречува молекулите на вода кои се околу него да се привлекуваат меѓу себе, а бидејќи е голем, го спречува привлекувањето на повеќе молекули на вода. Значи мешавината на вода со детергент има помалку привлечни сили од чистата вода. И така, кога ќе ставиме капка детергент во вода, детергентот брзо се придвижува кон молекулите на вода, создавајќи зона со малку привлечни сили во средината на чинијата. Водата која е близу до работ на чинијата има повеќе привлечни сили. Затоа водата е привлечена кон работ на чинијата, и всушност изгледа како да “бега“ од детергентот.
Хемиски врски во водата
Молекулите на вода се состојат од еден атом на кислород и два атоми на водород. Тие се поврзани со ковалентна врска, што значи дека некои електрони им се заеднички. Но овие електрони не се еднакво поделени, бидејќи кислородот повеќе ги привлекува накај себе. Затоа кислородот има мал негативен, а водородот мал позитивен полнеж. Значи молекулата на вода е поларна - има два позитивни и еден негативен пол. И затоа атомот на кислород од една молекула може да привлече атом на водород од друга молекула. Оваа сила помеѓу две молекули се вика водородна врска. Водородната врска ги држи молекулите на вода заедно на собна температура и ја овозможува течната состојба на водата. Таа прави водата да биде течност различна од сите други течности што ги знаеме.
Сподели го експериментот