Каква боја се меурчињата?
Разложи ја сончевата светлина и направи виножито во чашка.
Материјали
- црно пластично канче или чашка
- длабок сад или чинија
- детергент за миење садеви
- лажица
- вода
Ако немаш црно канче, импровизирај! Обоj пластична чашка со маркер или обложи ја со црна хартија.
Експеримент
Стави вода во длабокиот сад и додаj неколку капки детергент за миење садови. Промешај.
Потопи го отворениот дел од канчето во водата, извади го и заврти го кон светол прозорец.
Пофали се: Сподели видео или фотографии од твојот експеримент и твоите заклучоци со таг #НаукаЗаДеца.
Што се случува?
Размисли:
Од каде доаѓаат боите на меурчето?
Зошто на почетокот нема бои, и зошто боите се појавуваат одозгора надоле?
Од што е направено рамното меурче? Дали меурчето е постојано исто, или нешто се менува?
Што се случува ако дувнеш на меурчето? А, ако ја исправиш чашката?
Дали имаш претходно видено слично виножито на вода?
Рамното меурче кое се формира на канчето е направено од два слоја детергент меѓу кои има вода. Секој слој детергент е како прозорец, претежно проѕирен, но и одбива мал дел од светлината. Така, дел од сончевата светлина се одбива од првиот слој детергент, а дел од вториот слој. Бидејќи меурчето е многу тенко, двата одрази на светлината реагираат меѓу себе и некои од боите кои ги содржи сончевата светлина се поништуваат, а други стануваат појаки. Овој феномен се вика интерференција.
Што е светлината?
Интерференција
Кога два брана ќе се најдат на исто место во исто време, тие создаваат нов бран. Ако двата брана се со иста бранова должина, и новиот бран ќе ја имаа таа бранова должина, но може да биде и појак и послаб од брановите кои го создале. Ова се вика бранова интерференција.
Ако два сосема исти бранови се поклопат така што испакнатините и вдлабнатините им се поклопуваат, се создава нов бран, двојно појак од претходните. Ова се вика конструктивна интерференција.
Ако пак испакнатините на едниот се поклопуваат со вдлабнатините на другиот, брановите се понуштуваат. Ова се вика деструктивна интерференција. За интерференција можеш да читаш повеќе тука.
Интерференција на тенок филм
Нашето рамно меурче во научен жаргон се вика тенок филм. Филмот сапуница е како сендвич направен од два слоја детергент помеѓу кои има вода. Секој од слоевите детергент е проѕирен како стакло, значи пропушта голем дел од светлината, но има и слаб одраз, значи одбива мал дел од светлината. Секој бран светлина кој доаѓа до отворот на чашката може да се одбие од првиот слој сапуница, да го помине истиот, а потоа да се одбие од вториот слој сапуница, или пак да помине преку двата слоја и да биде апсорбиран од црната чашка. Значи тенкиот филм произведува два одрази на светлината. Кога растојанието помеѓу двата слоја сапуница е мало, слично на брановата должина на светлината, можно е два бранови кои се одбиваат од двата различни слоја сапуница да се поклопат и да стапат во интерференција. Така, некои бранови должини, односно некои бои, ќе бидат поништени со деструктивни интерференции, а други ќе бидат засилени со конструктивни интерференции. Кои бои ќе бидат поништени, а кои ќе бидат засилени зависи од растојанието помеѓу двата слоја детергент.
Дебелината на слојот вода помеѓу двата слоја детергент се менува. Бидејќи водата тече надоле, филмот станува се потенок и потенок, и е потенок горе, а подебел доле. На почеток филмот е предебел, но по неколку секунди горниот дел на филмот станува доволно тенок за да има интерференција, а потоа и целиот филм станува доволно тенок. Бидејќи дебелината на слојот е различна на различни висини, различни бои се поништуваат и појачуваат и се создаваат шарени линии.
Сподели го експериментот